Saturday, November 27, 2010

Нате и Јован

Во еден напорен ден, кога се беше при крајот, а чиниш, почетокот сега ти беше при рака, една девојка, уморна, со тежина на очите, се симна од валканото автобусче на автобуската станица кај големата продавница со црвен излог.

Таа таму се симнуваше секогаш за да пазари и повторно да се качи на некој валкан автобус до дома.

Влезе во маркетот, го изнакупи тоа што и требаше, односно купуваше колку што и беше проширен паричникот.  Ја прошета околијата со малку работи во рацете, а веќе празен паричник, уморна, тргна кон истата станица на која се симна, за повторно да чека автобус.

Тапкајќи во место, застаната со грбот кон големиот црвен излог, речиси да заспие, еден мачор и го сврте вниманието кон излогот. Таму, вџашена, со евтино пенкало напишани, наиде на букви бледи, но со многу љубов „Нате и Јован.“

„Кои се тие двајца? Што сакаат да покажат со со овие имиња? Дали се навистина тие Нате и некој Јован постоечки, или е ова некоја шега?“ – си помислуваше уморната девојка која овие две имиња и претставуваа некоја загатка која што мораше да ја открие. Помислуваше – колку глупаво – да напише на излогот со пенкало нешто, да ги праша кои се тие, дали намерно е напишано тоа и со која цел, но се предомисли, сфаќајќи дека тие именки со сврзник се само тоа за неа, и ништо повеќе. Тие се само име на една девојка – со неважно колку годишна возраст – и едно момче кое, на таа една девојка момчето и се допаѓа.

Замрзната, уморната девојка, која иако се откажа да ги открие тие букви, го гледаше излогот кој беше можеби љубовно извандализиран, се додека не ја прекина звукот на црвеното автобусче кое надоаѓаше во нејзин правец.

Се качи, сеуште со мисли за „Нате и Јован“, имиња кои ја инспирираа за да го напише овој текст, т.н. Нате и Јован.

Friday, September 3, 2010

Црвената кеса и девојката


Времето како по обичај беше премногу топло. Сите беа испотени, изморени од сонцето, тоа, кое до пред некој месец со сета душа го очекуваа. 

Но денеска беше премногу. Никој не можеше да го издржи. Денеска го мразеа вработени, го мразеа одморачите, го мразеа љубителите на плажата, болните, уморните.

Само таа... само таа беше рамнодушна на оваа топлина. Облечена во зелено, со огромна чанта, со очилата за сонце и црвена кеса полна со книги. Во 3 часот попладне, таа беше со црвена кеса полна со книги. Цело време беше загубена.  Дали по времето, дали улиците.. таа денеска беше загубена. Погледнуваше по сонцето, како да сака да посегне по него. Ги гледаше листовите со жал, тие листови веќе исушени од топлината.

Поминуваше покрај цркви. Ги гледаше и го вртеше погледот. И пак. Пак.

Девојката во 3 попладне, со црвената кеса нешто бараше. Што... ни таа не знаеше. Отиде во библиотека за да чита, да пишува, да види некого. Да осознае нешто, да дознае повеќе. Се чувствуваше како таа црвена кеса нешто да и наредува. Полната кеса со книги тежеше повеќе од таа самата, но таа со задоволство ја носеше. Можеше да ја испушти во секој момент, но не сакаше. Имаше исполнето срце радост, денеска таа беше задоволна. Како само таа да е на оваа земја со сите тие книги напишани и вредни.

Го сакаше денот и се што тој и носи. Се врткаше низ улиците како ова сонце да е за нејзе последно. Го впиваше денот со сите негови мириси, кои на неа и одговараа, ги отпоздравуваше сите познати...

Стигна во библиотеката со цел да добие инспирација. Со сета среќа која ја чувствуваше, се надеваше на добар текст, на добар расказ. Се подготви, го уклучи својот лап-топ, ги испука прстите, се подзамисли и почна.

Но каде? Што ќе пишува? За што да опишува?

Времето... сонцето, топлината... не и одеше од рака. Го загледа мониторот, ги загледа буквите напишани, ги допре очите како да сакаше да се расплака поради нејзината исушеност, поради нејзиниот недоволен извор на зборови, да опише нешто што таа сака, но не може. Оддеднаш, оваа среќна девојка се растажи, како да и дошол крајот на светот. За неа... крајот на светот. Но не си дозволи оваа кочница да ја спречи да креира, да твори.

Но се сети, ќе почне да се опишува себе си. Како денеска денот и започнал, како сонцето денес на неа и влијаело, во колку часот таа патувала од својот дом кон библиотеката, што носела...

И почна...

Времето како по обичај беше премногу топло. Сите беа испотени, изморени од сонцето, тоа, кое до пред некој месец со сета душа го очекуваа.

Но денеска беше премногу. Никој не можеше да го издржи. Денеска го мразеа вработени, го мразеа одморачите, го мразеа љубителите на плажата, болните, уморните...

 

Вака го заврши своето патување девојката со црвена та кеса, поздравувајќи се со компјутерот и одморајќи се со Чехов...

 

 

                                                                                                                                 13. 07. 2010 - Вторник

Tuesday, August 24, 2010

Звуци


Црната болка на клавирот беше тука, околу, недалеку...

Го слушнав и нејзиниот глас кој непрестано ми одѕвонуваше во главата. Сакав само да стојам во темнината, но таа беше премногу светла. Партитурите и пливаа во рацете, звуците и излегуваа од нејзиното срце, преубаво, чисто...

Само јас бев таму, валкана и бев можност нешто да кажам. Солзите сами протекуваа од моите очи, а јас никогаш не плачам. Ја чувствував како мое дете, како музика која јас сум ја чувала во мојата утроба, како звук кој плачел да излезе заробен на моите гради.

Таа ја исполни мојата желба да творам. Тоа што јас никогаш не го исполнив и го потиснав во себе, таа го пројави од себе си. Тоа што јас го криев, со болка го заробив од светот вечно, го видов во нејзините прсти.

Должината на звукот кој таа го правеше, ме замолчи. Се парализирав слушајќи ја. Не можев да ракоплескам. Не  можев да го уништам моментот кој таа го возвиши... само ја погледнав кога заврши, и знаеше дека само тој звук од моите раце ќе го уништи сето тоа кое го свиреше за мене и моите уши.

Прекрасна е...

Возвишена е...

Божја е...

Светот ме протера од нејзината музика, светот ми забрани да ја слушам нејзината музика, ми го одзема тоа што одамна го барам... сум била неучтива.

Не сакам да ракоплескам, лицемерно е! Не сакам да го надгласам звукот кој таа го направи, а ме натера да просолзам. Не сакам!!!

Избркајте ме! Протерајте ме... не ми дозволувајте пак да ја слушнам.

Но никогаш нема да можете да го избришете звукот кој ми го затопли срцето, звукот кој ме расплака и не ми дозволи да го извалкам мигот кој ме ослободи од прангите.

И пак... и секогаш ќе ја слушам во срцето и ќе се потсетувам на нотите и партитурите кои се ослободија од нејзината душа... кои чекаа да излезат долго заробени и јас да ги слушнам. Јас ги слушнав... и пак ги заробив кај мене... и никогаш нема да ги пуштам!

Тие... звуците!

Sunday, August 8, 2010

Болка на двете љубови


 

Во одреден дел од селото, на еден прекрасен сончев предел, се наоѓаа две ниви, на две различни семејства.

Едното семејство беше задоволно со својот имот, со својата храна, но сепак се случуваше понекогаш нешто да им недостасува. Заради тоа често се случуваа караници во тоа семејство, но кога повторно имаа плод од својата нива, се сплотуваа повторно.

Другото пак, секогаш имаше се. Секогаш имаа храна на масата, секогаш имаше топли насмевки на нивните лица, кај нив никогаш не недостасуваше нешто.

На двете ниви, имаше по едно дрво. На двете ниви, и двете дрва раѓаа овоштие. Како и семејствата, едното понекогаш, а другото секогаш раѓаше плод. Едното беше слабо, секоја година помалку раѓаше, помалку растеше, плодовите не беа сочни како некогаш, а другото, истовремено посадено со првото, растеше високо и плодно, со сочни овошки.

Едно до друго, со ограда разделени, овие дрвја преку ветерот комуницираа, ги префрлуваа своите лисја, си довикуваа тајно...

Да беа луѓе, некој ќе си помислеше, заљубени се. Ги милуваа своите гранки едно со друго, секојпат кога имаа шанса.

 

 

*****

 

 

Дрвото на богатата нива никогаш не беше обрано во целост, секогаш беа оставани неколку овошки за децата кои се враќаат од училиште да оберат неколку за по пат. На нив, на семејството никогаш не му беше проблем за тоа, тие имаа повеќе ниви со такви дрвја, силни и плодни, кои секогаш беа најбарани на пазарот. Навидум, нивните овошки беа највкусни и природни.

Другото семејство, секогаш го береа дрвото до крај се додека не родеше нов плод, кој секојпат беше помалку сочен. Тие немаа повеќе ниви на кои можеа да се потпрат, па затоа се надеваа секојпат на добар род. Ова семејство го користеа овошјето на секој можен начин; правеа џем, слатко, сокови, дури и го продаваа овошјето по килограм, на пазар. Но дрвото не беше виновно, – така мислеше неговиот сопственик – веројатно е заради климата или другото дрво можеби му смета во растот. Си помисли дека треба да му го најде лекот или крајот на ова дрво и да посади ново, малку подалеку од ова.

 

 

*****

 

 

Нивните гранки секогаш се пружаа да се помилуваат, да си проговорат секојпат кога никој не ги гледа. Звуците кои ги правеа како да им предвидуваа за нивната судбина, како да знаеа дека крајот во секој момент може да дојде за нив.

Кога дојде зимата, а снегот го беше надвиснало слабото дрво, сопственикот го гледаше дрвото и се мислеше за него и дали воопшто да чека до пролетта.

Силното дрво пак, ги имаше испреплетено своите гранки во она слабото, пробувајќи да го стопли и да го подигне. Сакаше само да го засили и да му пружи од својата способност за силен плод, за да може да издржи до пролетта, за да не го загуби...

Но крајот на слабото дрво мораше да дојде. Изутрината сопственикот го исече во целост, го исцепи за подгрев, а во неговата близина подоцна посади друго дрво, со надеж дека ова, новото, ќе му раѓа силен плод.

Силното дрво кога ги испружи своите гранки за да се помилува, а таму не беа тие гранки што ги бараше, се сви и почна да се суши. Неговиот сопственик се зачуди за таа ненадејна ситуација, па почна да му ги крати гранките, со надеж дека на пролет ќе роди нови гранки, плодни. Но, неговата состојба секој ден беше се полоша и полоша. Наместо било какви плодови, дрвото не роди ниту еден плод, ниту еден мал плод. Тагата го беше свила, па затоа и никогаш повеќе не роди ниту едно овошје.

 

 

*****

 

 

Еден ден, голема олуја го нападна тоа село. Ги уништи сите поседи, ги поплави патиштата, ги зароби луѓето во своите домови.

Дрвото веќе исушено и болно, ги предаде и своите последни гранки и му се вдаде на силниот ветар кој набрзо го скрши и уништи. Тоа само падна врз оградата и се преврти кај соседната нива. Во него носеше зрно од своето овошје, кое при падот го испушти на земјата и со себе го покри за да го заштити од олујата.

Кога лошото време помина и се се врати во нормален ред, дрвото беше тргнато од поседот, а набрзо се појави и пролетта.

На местото на слабото дрво се појави мал никулец, кој по неколку месеци почна силно да се развива и набрзо стана мало, но силно дрво. Овошките кои ги имаше родено ова дрво беа вкусни, дури и повкусни од двете, веќе одамна изумрени, стари дрва.

 

Ова ново дрво, како да ги беше склопило двете места, двете семејства, кои за прв пат беа воодушевени од неговиот изглед...

Monday, July 12, 2010

(не)Разговор

Тие две... седеа на креветот. Разговараа, како само нивна да беше ноќта. 

Две млади, амбициозни, девојки со соништа, седеа една вечер, правеа бура во тишината, ја трошеа младоста на нешто непродуктивно.

Едната постојано се жалеше... Се жалеше на своето тело, на своите нерамнини, на болките кои ги измислуваше, на проблемите кои таа мислеше дека ги има.

 

И двете живеат во близина. И двете се на приближна возраст. Сакаат момчиња, музика, поезија.

 

Другата, пак... не беше девојка од овој свет, од ова време... како да припаѓаше на нешто вонвременско. На другата и недостасуваше време... љубов веројатно... хартии, мисли, идеи.

Бараше инспирација, бараше помош за зборовите кои и се плеткаа во умот.

Немаше амбиции... барем... не толку колку и својата врсничка.

 

Додека едната се жалеше, другата размислуваше за светот околу нив, околу универзумот.

 

И тогаш жалостливата почна... : - Татко ми влезе во мојата соба. Како да ме погоди некој бран на негативна енергија.

Оддеднаш почувствував како товарен брод да ме прегазил и посакав да му фрлам мачка в лице. Но го погледнав цвеќето со прекрасен мирис и веднаш се смирив, пуштајќи тивка музика која ечеше романтично од мојот звучник.

Што сакаш да правиме вечер? – заврши со своето необично прашање, додека другата... Симона не ја ни приметуваше, ниту пак ја слушна.

- Симона... ме слушаш ли барем што ти зборувам... – повторно и се обрати, овојпат вознемирено, поради невниманието кое Симона и го пружи.

 

- Ах, да.... – и одговори неважно, размислувајќи со умот некаде подалеку. – те чув Ивана, те чув. Само нешто ме восхити денеска, денеска кога вртев низ здодевните канали на телевизорот. Тоа заслужи некое мое внимание, за кое... јас цел ден размислувам... – малку подзастана, замислено, па продолжи да и раскажува на својата другарка.

- Гледајќи ги на мојот стар телевизор денешните панаѓури, ме потсетуваат на тоа, колку митовите имале поврзаност за сиот живот кој што се случувал од развитокот на светот, па се до денес. Колку биле значајни тие приказни за убавината на девојката и нејзиниот корсет, колку игли морала на себе си да носи, за да биде преубава и блескава. Се од тие брилијантни митови! Знаеш ли колку тие митови... тие се брилијантни! Ние, што постоиме денес, имаме знаење, убавина, сето тоа, СЕ е тоа напишано, создадено поради тие приказни... – со нотесот во раката, продолжи да мрмори, бараше некое пенкало да го запише тоа што и помина низ умот, да не го заборави.

 

А Ивана, незачудувајќи и се, само и се насмевна, ја прегрна својата другарка, промрморе како да ја разбира, климна со главата и проба да ја промени темата на разговор, која што Симона упорно ја продолжуваше... со восхитеност!

 

 

*****

 

 

 

Нешто се случуваше во таа соба, со тие девојки, со нивните размислувања.

И двете нешто ги мачеше, некоја тајна, мака...

Љубовта не беше сигурно, иако беше главна лажна причина за тие да сокријат што се случува зад нивното пријателство.

Прва почна да мрмори, да искаже што мисли Ивана.

Како да се подготвуваше за својот претседателски говор, поткашла, го наведна челото, се забриша од потта и почна : - Со својата кола се шетав низ скопските салони, сакајќи да купам нешто за себе си. Сакав да биде нешто интересно, ново, мало... но забележливо.

Стигнав до една мала продавничка, која се викаше „Море на убавината“...

 Се зачудив за насловот. Се продаваше овошје. Каков мирис. Веднаш ме привлече свежината на тоа огромно количество на овошје.

Застанав зад редот, кој беше огромен. Како ова да беше вест, која сите ја знаат, освен јас. Како да имало соопштение за свежото овошје, а јас сум спиела... не сум го чула.

Како да ми требаше пиштол во тој момент, да пукнам, за да можам да вкусам од тој мирис, за да можам да ја истргнам гужвата.

 

Тогаш, за прв пат во таа соба, Симона го подигна својот поглед, го насочи кон Ивана, како заинтересирано девојче и намигна, се насмевна и и рече : - Мора да било преубаво тоа овошје... Би сакала јас да сум во тоа море.... Морето на убавината...

И оддеднаш, го прекина својот разговор, спонтано започна друг, необрнувајќи внимание на разговорот за овошјето.

 - Замислував една соба, кога низ мостот помина тој, пеејќи преубава песна. Јас седев во паркот, ги гледав неговите чекори...

Јадеше ананас, а лисјата под неговите нозе, ја искажуваа есента која предоаѓа.

Мислам... дека се заљубив!

Обично тивката Симона сега викна : - Се заљубив! Зар е тоа грев? Или... Можеби само го замислувам?

Ноќта продолжи тивко. Симона беше исплашена од губењето на својот ум, а Ивана изгубена во морето.

Прегоре сијалицата...

Стана темнина.

 

 

*****

 

 

Под сиот тој космос, ѕвезди на небото, ноќта на таа улица, стоеше еден столб, а на него беше потпрена долгокосата девојка. На неа, во овој момент, и беше потребна само една врата за да и се одговорат сите мисли, да и се дадат сите одговори. Барем така мислеше..

Мислеше дека тоа и е потреба. Потребно и беше да мисли.

Мислеше дека мисли. Потребна и беше потреба.

Симона... таа е девојка со многу мани. Сакаше да глуми нешто што воопшто не и доликуваше. Знаеше дека припаѓа на небото, а таа упорно правеше работи кои ја задржуваат на оваа валкана, загадена земја.

Под таа одвратна шминка, се криеше едно прекрасно и невино лице, лице на девица. Кога ја тргна маската, ги стави своите очила, почна да ги запишува своите тајни во малата книшка што ја чуваше покрај креденецот... Тоа го прави таа, запишува се што мисли. Можеби тоа беше погрешно кај неа. Сакаше се да има на хартија.

 

Се измори и го изведе кучето на прошетка.

 

 

*****

 

 

 

Ивана остана сама во својата соба. Иако стоплена, таа соба поради ладните срца, тајните, лагите... секогаш беше ладна.

Ивана почна да размислува. Која љубов ја имала таа?

- Кога сум со него, знае секогаш да ми украде насмевка, претворајќи ги своите прсти во форма на пајак, полека ме гали по вратот, малку помрднувајќи ми го ѓерданот. Ме бакнува. Ме прегрнува.

Но... кога си оди, ме остава како уморен дедо, кој  не може да ја крене лопатата и да копа.

Ми ги остава спомените ладни.

 

 

 

 

 

 

*****

 

 

Во собата, повторно се најдоа тие... две... млади... И откако пронајдени во летната светлина седнаа за повторно да размислуваат и да разговараат, Симона го продолжи својот разговор.

- Топлината на ова лето, кое како куршум не погоди оваа година, ме натера да размислувам за клавир, сакам да научам да свирам. – и од неповтор, и излета сосема друг разговор.

- Носот ми беше привлечен од секакви мириси ова лето... а требаше да се зафатам да пишувам со своето перо.

Вчера!!! Колку сакав вчера во еден момент да се испружам на каучот, да ги спуштам ролетните, да земам некоја книга и да читам. Да читам цело утро, цело попладне... па дури и вечерта да ја поминам со таа книга, да ја читам повеќепати.

Но застанав пред огледалото, го земав нотесот, и тргнав по сонцето...

Се почувствував како да сум му на некому потребна... вчера...

А можев цел ден да останам дома.

Да! Тоа беше причината што јас не бев дома... – прпелајќи го јазикот, почна да шета низ собата и зборувајќи како да открила нешто важно. – да, тоа беше!

Мирисот на кафето, ме потсети на некој гроб, беше старо како бојата на делово што го читам. Нема да пијам веќе кафе.

 

Ивана веќе полудена од нејзиното врткање низ собата, ја погледна, и таа стана и ја седна на креветот.

Конечно, таа ја собра храброста да го почне тоа што веќе долго време ја мачеше во врска со нивното пријателство.

Се сврти со лицето кон Симона, поднамигна, како да сакаше преку очите и каже се, повторно подзакашла и...

- Симона, јас и ти веќе не сме исти. Ти полудуваш, а јас не знам што понатаму со својот живот. Мислам дека не треба да сме пријателки повеќе. Сепак... ти никогаш не ме слушаш. Затоа, те молам замини од мојава соба и не се враќај повеќе.

Симона само ја погледна.

- Знаеш дека си во право. Еј, збогум! – со насмевка и се обрати и замина.

Замина засекогаш од нејзиниот живот.

А собата и понатаму остана празна.

Sunday, July 11, 2010

Воздухот кај Луцифер


Во собата имаше малкумина народ. Доволно за да се пополни, но малку за разговор. Сепак, сите беа непознати. Темата кружеше околу, но никој не сакаше да почне, да ја прифати.

Малку пиење, многу слики, а убави луѓе.

Чадот е неизбежен. А само таа го правеше. Му се смееше нему,  а и тој на неа.

Се однесуваше и ладно спрема нему, но тоа, во тој момент и одговараше. Не сакаше да биде лесна девојка. А страствено посакуваше да му се фрли в прегратки. Да ги почувствува неговите раце,  слаби и испотени од срам. Така ќе остане. Оваа вечер остана недопрена. Беше ладна и врела. Озборувана и глува. А собата пак беше празна. Со малкумина во неа.

Воздухот го немаше...

Креветот е


Се чувствувам ожалостено.

Од каде е тој тап момент, не знам.

Одвратно ми е. 

Солзите ми капат непрекинато, а мојот кревет, мек, ја впива мојата горчина. Ги знае моите тајни. Ги чува немо, бесценето. Жал ми е за него.

Лежам на неговите полиња, надевајќи се дека ќе ме слушне, ќе ми одговори на моите прашања, ќе ми ги избрише брчките од моето срце...

Тука е тој. Но кој го слуша него? Кој го гали и прегрнува кога е сам?

Понекогаш посакувам да му ја дадам мојата душа, да ми каже што чува и гае!

Но, тогаш ќе ги има моите маки. Ќе ја чувствува мојата болка, ќе ги искаже моите тајни, долго и длабоко чувани.

Не! Себично, но не!

Молчи и слушај ме, впиј ги моите солзи, допри ја мојата тага и молчи.

А кога ќе дојде време да заминам, ќе те оставам и никогаш нема да се вратам.

Ти, ќе останеш сам, обвиен во мојата болка, во моите тајни. Секогаш, да ги молчиш и чуваш, зашто ти си мојот кревет!

Saturday, June 26, 2010

Убавина

Убавина

 

 

Once upon a time, постоеше едно момче со смеа во очите, крила во душата и љубов на градите. Ова момче беше само, но не осамено.

Талкаше низ ветрот, спиеше со водата и се хранеше од земјата. Ова момче беше ангел, не чувар, туку мојот љубов – ангел.

Среќен за животот, овој ангел ги заробуваше сите срце, оставајќи им смеа, не болка откако ќе си заминеше.

Како што реков, тој талкаше низ ветрот, беше миг оваму, миг натаму...

 Беше на кратко време, но секаде...

Го завзема срцето на својата стара господарка, жена која го загубила својот син, која богато, но осамено живееше. Таа беше гладна, а момчето и ја пружи храната што и беше потребна...            

Ја прегрна. Го бакна нејзиниот веќе стар и уморен од солзи – образ.

Го засака како свој син, ова мало суштество кое успеваше во секој миг да и украде насмевка. Го прими во својот пансион без да плаќа ништо.

Старата куќа во којашто мојот ангел претстојуваше, беше за него палата полна со среќа. Секогаш осветлена, полна со музички инструменти, секогаш топла.

Млад и згоден, со весели пантолони, тргна да го запознае местото во кое беше сместен.

А ова место беше исполнето со вредни, работливи и среќни луѓе.

Гледајќи ги, Томи сфати дека се наоѓа во својот дом, на своето место, во својот град. Набрзо ја најде и работата што ја бараше, се вработи како пејач и сите брзо го засакаа.

                   

...но како што старите велат, монетата има две страни, играта на среќа некогаш мора да се сврти и кон пропаст.

Животот му тргна многу на добро, но оддеднаш одејќи по едно мовче, малку пред полноќ, монетата на среќата го покажа своето тажно лице... ме сретна мене, со моите насолзени очи, со болка во градите и синџири на душата.

Тргна по мене, а јас бегав, бегав од среќата која вистински ме следеше. Томи беше мојот спасител, макар на кратко тој направи да ги заборавам моите болки.

Оддеднаш ме пресретна по патот, застана со своите длабоки очи, вперувајќи го својот црн поглед во  мене. Додека солзи навираа од мојата душа, тој ми се смееше.

Ми рече: - Солзите се непрекинат извор на неоткриената смеа. – а потоа повторно ми се насмевна.

Ме замоли : - Госпоѓице Убавино, но за жал, не моја, дозволи ми да те испратам до дома.

А јас само го погледнав и му реков : - Момче мило, јас не те познавам.

-  Се викам Томи и сакам да бидам твој пријател.

- Момче мило, - му реков јас пак – јас не те познавам. – насмевнувајќи му се и со мил поглед.

Но, сепак тој тргна по мене, гледајќи ме со радост и љубов во очите. Тогаш јас знаев, тој е заљубен во мене. Веќе беше доцна, не можев да го спречам тоа чувство кое тој беше го развил за мене, а и морав да бидам дома.

-  Госпоѓице Убавино, но за жал, не моја, - повторно ми се обрати – кое е твоето име и зошто не ме погледнуваш?

Замолчив. Не сакав да му одговорам.

А тој ми рече : - Ако за 5 секунди не го дознаам твоето име, ќе си заминам засекогаш.

Почна да одбројува : - 5, 4, 3...

Јас за тоа време само го гледав.

-  2...

Тогаш, за негова среќа, се појави моја познаничка, која ме отпоздрави : - Хеј, здраво Рена!

- 1...  Рена! Мило ми е. Се гледаме утре на мостот! – ми рече така и си замина. Мојот среќен пријател Томи си замина со љубов во срцето, а јас не успеав никако да го спречам тоа.

Влегов дома, овојпат насмеана, среќна за брилијантноста за ова момче.

Утрото, правев работи за побрзо да ми мине времето, за да го сретнам Томи повторно, за да ме насмее, но овој пат да му ја кажам вистината, вистината за мене и моето срце.

Додека пак тој, го минал целиот ден раскажувајќи и на својата пријателка и мајка за чувствата што го приморуваат да скока и да биде радосен цело време.

Неговиот кошмар започна во 9 часот, истата вечер, кога го замоли својот шеф за слободен ден, а тој не му дозволи.

Безгрижен, воден од невозвратливите емоции, даде отказ.

Излезен, тој, мојот љубов – ангел да ме бара на мостот каде бевме договорени.

Кога пристигнав таму, тој беше пресреќен, а јас повторно со насолзени очи, го прегрнав,  пелтечејќи и со желба да му ја кажам вистината.

Томи ми рече: - Госпоѓице Убавино, но за жал, не моја, дозволи ми да те сакам. Дозволи ми да те испраќам секоја вечер дома. А кога ќе врне, да стоиме под чадорот прегрнати, а јас капките дожд со бакнежи да ги бришам од твоето тело.

- Момче мило, пријателу мој,  - низ солзи се обидов да му ја кажам вистината – зошто сакаш оваа насмевка што на сите им ги грее срцата, јас да им ја одземам? Зошто веселото момче да биде како сите останати на ова место откако јас ќе си заминам?

Томи ме погледна чудно, ме прегрна и ми рече дека никогаш нема да ми дозволи да си заминам.

- Томи, јас чекам некого. Го чекам цела година, тој  да ми се врати.

 

Извадив клуч од џебот и му го покажав.

- Го гледаш овој клуч? Со овој клуч, тој го зароби моето срце. Со овој клуч, ми вети дека ќе се врати, по една година, по една година... утре... ќе ме ослободи и заедно ќе заминеме.

Избезумен, ги почувствував неговите скршени крила, неговите светли очи беа превземени од тагата.

Тогаш ми рече: - А што ако... Што ако, јас ги отклучам овие гради и на нив ставам топлина, а смеата никогаш нема да те остави? Што ако јас бидам тука за тебе, засекогаш?

Го погледнав, го погалив со раката неговиот натажен образ, му ја бакнав солзата и заминав. Заминав со цел мојот отклученик да се врати. Да ме ослободи.

Томи беше зад мене. Иако се трудеше да не го приметам, знаев дека е тој. Се слушаше неговиот тежок чекор.

Целиот ден врнеше дожд. Како да ме повикуваше времето, да излезам на дождот, да го најдам Томи и да стоиме под дождот.

Дојде и часот кога требаше да тргнам, да ја најдам својата љубов, да ме прегрне и да заминеме засекогаш. Бевме договорени на истиот мост, каде што го сретнав и мојот ангел Томи.

Додека одев по патот, размислував за својата љубов. Дали ќе дојде? Колку и тој мислел на мене целата измината година? Дали сум подготвена да оставам се зад себе, моето семејство и пријателите и да си отидам засекогаш? А сега, тука беше и тој, Томи, мојот смешко...

Почнав да ја растресувам главата, молејќи се да престанам да се двоумам.

Стигнав на мостот, а таму ме чекаше Томи, со чадор во рацете и оддеднаш почна повторно да врне. Мојата љубов... не беше пристигната.

Томи ме прегрна, се насмевна и...

- Гледаш, судено ни било да стоиме под дождот, јас да ги бакнувам капките што се тркалаат по твоето тело. Судено ни е да бидеме заедно. Судено ни е... Рена... јас те сакам!

Те сакам излезе од неговата уста, како зборови заробени кои едвај чекале да излезат и да се ослободат.

За момент помислив дека залудно сум ја чекала својата среќа и дека можеби љубовта ме чекала цело време, тука, на овој мост...

И кога пронајдов малку удобност во неговите очи, топлина која долго ја очекував, се појави тој, со мало задоцнување, мојата љубов која цела година ја чекав, дојдена да го исполни ветувањето. Томи не сакаше да ме пушти, Томи имаше скршено срце, тага и болка во очите и градите.

- Збогум, мое момче мило... – му реков и му ја пуштив раката.

- Збогум, Госпоѓице Убавино, но за жал, не моја...

Претрчав кај мојата љубов и заминавме прегрнати.

А Томи, се скрши како стаклени скали кои не можеле да ја издржат тежината на товарот кој поминувал над нив.

 

Секогаш кога ќе слушнам песна која ме потсетува на Томи, си помислувам на мојот

љубов - ангел, кој остана скршен заради мене, заради мојот тежок товар.

 

 

 

 

26. 06. 2010 – Сабота.

Sunday, April 25, 2010

Јас сум ти пријател...


Лондон кафе, глупавиот плоштад на видик. Надвор е ладно, а тие двајца се среќни, прегрнати.

Зошто ги следам, пиејќи веќе одамна изладено кафе? 

Ладно ми е, овде греењето е никакво. Се сетив на луѓето кои одамна ги немам видено, и тој беше прв на листата. Мојот најмил, мојот свет. Го немам видено навистина долго време, а ми недостасува.

Шпири, тој е човекот кој ми беше како брат, кој ретко го гледам, а речиси никогаш нема ништо ново.

Слободен како птица, дише воздух со полни гради. Никогаш не ме слуша, секогаш ме критикува...

Атко е следен. Тоа човече е навистина хиперактивно. ВОЗИ!!!-300 на саат. Ќе одам во Лептокарија на кафе со него следниот пат кога ќе се видиме.

Ѕими, човекот кој се јавува, но никогаш не го гледам.

Работи, живее, прави и „штури“, сето тоа е за него идеологија.

Кафето ми е при крај, пари за друга пијачка немам, па морам да си одам.

Врзана со шалот, ладни раце и малку насолзени очи, продолжив по патот.

Елена беше следна на списокот.

Слабото журкаџиско моме ме одбегнува. Ја немам видено...

Ми фалат луѓето. Сама сум. Откако ги загубив спомените, се уби светлината што ја имав, се навратив накај минатото.

Болно, ама морам да се борам. Сакам животот да ми продолжи.

Мора да одам напред.

Ѓаволштини во ноќта

Ноќта е жешка како пекол. Бедна соба во беден дел од беден град. Зјапам во божица. Таа ми вели дека ме посакува. Нема да потрошам ни секунда прашувајќи се како станав толку среќен.

        Те сакам тебе.

Таа мириса како ангел. Совршена жена. Божица.

-         Потребен си ми.

Срна. Таа рече дека се вика Срна.

Четири часа подоцна ја чувствував главата како да ми е неколку пати поголема.

И тоа ладно чувство ми се случуваше во стомакот. Тогаш сфатив дека таа е мртва. Ни белег на неа. Не мораш да и го проверуваш пулсот за да сфатиш дека тие нејзини совршени гради не се движеа така како што би се движеле кога би дишела.

Таа беше убиена и јас бев тука кога тоа се случило. Веднаш до неа. Мртов пијан исто како што беше и таа.

По ѓаволите Срна! Која си и кој те сака мртва? Која си? Покрај тоа што си ангел на милоста што му даде два пати задоволство на губитник како мене. Сигурен сум, не е заради мојот изглед. Зошто овој никаков мотел? Зошто добрата Срна?

Полиција.

Тие не ми кажуваат многу, се појавуваат кога никој друг освен јас и убиецот не знае дека имало убиство. Некој ќе плати. Јас ќе го натерам.

Отвора прозорец. Се фрла. 

Очите ширум затворени...


Соба. Полусветла. Столче и едно огледало. Седнат и плаче, се моли, моли за уште малку. Ветува дека повеќе нема да зема. Ќе биде чист. Се обидува да се смири. Повторно ветува дека ќе биде за последен пат. Во собата влегува таа. Има вир во очите. Му подава од кокаинот. Се кае зошто го прави тоа. Се надева за последен пат. Станува тој. Ги брише солзите, ја прегрнува и си оди. Го следи, мора, многу го сака. Докторите веќе тука ништо не можат ако тој не сака помош. Тажно го довикува, тој не се врти. Го допира, ја турка. Таа станува и оди по него. Арогантно ја одбива. Ги гледа нејзините солзи. Продолжува да оди, но застанува. Се сети за нејзината „добрина“ пред малку. За неговото ветување се сети. Престана со одвратното однесување. Ја бакна и замина. Докторите го пречекаа. Влезе, не сакаше никого да види. Само заради неа. Или заради ветувањето. Но го исполни. Престана, но ни тој не знаеше заради што ниту кого. Успеа.

Смртта на идеалната љубов


Нејзините очи суви од болка, со млекото во нејзините гради и црно срце, беа единственото живо кое го имаше на неа. Љубовта ја немаше, во рацете и плачеше небесно и невино бебе, а таа мислеше само – Зошто? Која е причината што него го немаше, зошто ја остави собата в празнина?

А тој пак, сакаше да и понуди живот полн со среќа, радост, забава, веселба, љубов...

Не знаеше што таа сака, освен што себично и го вети целиот свет, и ги зема на кредит сите убавини, а долгот и го остави да го исплаќа крварејќи и анемично.  

 Тој и немаше одредена професија, освен што ја сакаше искрено, но без услови, вистински, но скапо.

Неговата блуд, ја кочеше нивната бескрајна среќа, сепак, тоа е блуд, непрекината блуд, негрешна, човечко-животинска.

Само, таа не сакаше, не се трудеше да сфати колкава е неговата љубов, неговата жртва од тоа откажување.

Зависна од него, го заборави тоа мало суштество – плод на таа страсна идила.

Некој би рекол, - тоа е само секс! – но за нив тоа не беше телесност, сетилност, тоа беше хибрид на два света, емотивен и уметнички, пополнување на празнина, болка на здравата кожа.

Шетањето по улиците исполнети со мирис на самотија, го потсетува колку треба да ги поправи работите, да се врати чекори наназад, да ја сопре тагата во нејзините убиства. Но, сепак нешто го спречуваше, му забрануваше да се врати, го тераше напред...

Знаеше дека нема дело кое би им ставило среќен крај на нивната несреќа, немаше поема која би ги избришала несогласувањата, немаше машина која ќе го врати времето...

А сега, трча, бега од минатото, иако му беше како багаж, багаж полн со валкани алишта, интриги, лаги и ветувања неисполнети. Каде беше тој во иднината, ни тој не знаеше, ни таа некогаш дозна, само остана траг, траг неизбришлив, вечен, тажен, мачен...

 

Кај кого е волкот?

Тмурното утро не сакаше да ме крене од креветот...

Ме мачеше долго и убиствено, како воин после војна, не ранет физички, туку духовно.

Но сепак имаше надеж за мене.

Мирисот на кафето, цигарата на мојата сестра ме убедија да станам.

Мрзоволна, со угушена душа, појдов да ги извршам своите натурализми, си направив кафе и седнав на земја.

Размислував...

Тмурнината на небото ме привлече, ме подиви, уживав.

Размислував зошто спијам, која е причината за мојот умор, што да правам денеска, каде да одам, на каде е мојот пат...

Но, се сетив! Сите имаме своја двојност, некој дел од нас незадоволен од сегашноста, а среќен со ова време време тмурно.

Копнеж по инспирација е ова време, сила за емоции, идеално е!

Посакувам да можам да го одделам она делче што ме турка напред, се чувствувам како да му пречам, а тоа сака да твори, да живее, да се храни со жива енергија, да биде слободно во природата.

А јас, сама, без инспирација, да бидам натрупана со книги, празни шишиња, празна во себе си, исцрпена од светот.

Во средина од себе, ќе има едно тело, повредливо и минливо. Тоа трпи се, не знае на која страна да застане. Се плаши сепак...

Знае дека ќе умре ако е со мене, но ако отиде на другата страна, не сигурно е во себе си, во својата сила и издржливост.

Не, не знае! И тоа сака да се подели, да биде неповредено и цело, но сепак кај двете.

Со мене, би го имал оној блуднички живот, отруен и зависен од хартија, а со другиот дел би лудувало, би се младеело, би видело се!

И сега? Каде? По ѓаволите или на некое здодевно место?

Не знам, тешко е да се процени.

Но само слобода е потребна....

Дали би ме оставил сама да сонувам?




Ќе бидеш ли тука кога ќе ми требаш? Ќе ме сакаш како сега кога ќе заминам далеку, барем подалеку од твојот кревет, кога тој ќе се лади од празнина? Кажи ми, сакам да знам....

Не ме оставај со празна душа, не ме оставај во мисли полни со црнила оставени од веќе одамна изгаснатата цигара... Не ме сфаќај погрешно, те молам. Знам дека не очекуваш да те сакам како ти мене, знаеш дека не сум по љубовта, ти барем го знаеш тоа и воопшто не го очекуваш она лицемерно бакнување по вратот. Сигурно не очекуваш да те бакнувам како и другите на кои тоа им годи. Знам, понекогаш сакаш да те лажам за мојата појава на љубовта, но знаеш дека тоа е невозможно. Го посакуваш она „Те сакам“ случајно да излета од мојата памучна уста, го велам ова зошто ти порано ja нарекуваше така и ти се допаѓаше тоа, не ме мрази те молам, јас те посакувам и се чувствувам запоставено и осамено без тебе. Мојата страст е ништожна без тебе, сакам да ја потрошам на тебе, да ги слушнеш моите бедра, да ги допреш, тоа го посакувам од тебе. Те молам биди покрај мене. Не дозволувај да се лади креветот, не ги гушкај напразно перницата и ќебето навечер, само викни ме, го очекувам тоа од тебе. Јави се, за тебе сум секогаш достапна. Сакам да ја потрошам мојата енергија трчајќи кон тебе само да те видам и по малку да те бакнувам, само да те допрам... знам ти се допаѓа тоа. Ќе заминеш ли ако те замолам? Ќе плачеш ли по мене ако заминам, ќе се смееш ли ако те замолам? Кажи ми, повторно ќе ти кажам, сакам да знам...

Добро ли си, како се чувствуваш? Сакам да ја тргнам болката од твоите очи, за никогаш да не плачеш ако ме видиш со друг, сакам да ги бакнам твоите усни кога ќе ме допреш, само те молам остани, само вечерва остани. Само сакам да знаеш те посакувам, сакам да сонуваме заедно, сакам се со тебе да правам, само со тебе. Те молам не трепери кога ќе те допрам, нема да те повредам.

Еве ме вечерва, сама и немирна, те очекував денеска, но ти не беше никаде. Не те најдов, ми недостасуваш, ми фалиш, те обожувам, а тебе те нема. Сигурно си некаде далеку со мислите...

Ќе се видиме наскоро, се надевам барем. 

Не ме оставај сама, те молам се плашам многу, барем не ме оставај сама да сонувам, ќе ми залутаат мислите...

Espresso

Тоа горко и најдолго еспресо на светот

Веќе неколкупати бевме заедно, веќе неколкупати излеговме на пијалак. Само што јас излегувам по некоја случајност претрезен, а таа е секогаш пијана од разговорите со пријателите. Го мразам тоа кај неа, ја мразам таа нејзина марливост на кафето, јас и го мразам тоа долго еспресо, многу горко еспресо, додека јас ги пијам сите можни пива...

Секогаш е така во било кое кафуле, во било кое место кое што содржи кофеин.

Еве ја дојде со сестра и во нејзиното омилено кафуле Манго. Полека го соблекува тоа нејзино црно палто, кое е потенко од нејзината душа. Го вади тој нејзин син шал и седнува. Секако до мене. Ги носи тие тесни фармерки. Ја догледува мајка ми. Мене не ме ни приметува. Доаѓа келнерката и само си климаат со главата, и двете знаат што мисли. Секогаш е тоа, мило те молам едно многу долго еспресо. Секако и ќе го добие, но оној момент на горчливост кој многу го мразам е кога и ги подава своите шеќерчиња на сестра си или било кому...

Веќе сум на моето трето пиво, а таа е до половина со кафето. Ме плаши. Понекогаш и се лоши. Ја зажежува срцето, и се темни пред очи, се онесвестува. Тешко ми е да ја гледам таква. Ја сакам…

Сега сум на петтото пиво, таа е при крај со нервите, но не е на крај со кафето, секогаш е на половина... Ја палам цела кутија цигари, но таа е до половина, но и далеку од крајот, сеуште блиску на почетокот, уште е тука тоа нејзино долго еспресо. 

Веќе одамна е ладно и прегорчливо за пиење, секако без шеќер е, но таа мора да го пие. Тоа е преубаво за неа. Но, не е толку убаво како неа. Се губам покрај неа. Ги сакам тие очи со нафтени зеници опколени со реки од крвни линии. Посакувам да влезам во тие очи и да препливам низ крвта за да стигнам до срцето нејзино да видам што има во него, дали е создадено за мене, но не можам...

Кога сме заедно секогаш седи до мене, но штом е мајка ми тука, јас не постојам. Знае да се потпре само на моето рамо, да ме погали за главата или пак да ме почешка за грбот, но сепак не постојам кога мајка ми е тука. Нормално таа ја сака повеќе мајка ми. Во моментов се расплакува мајка ми и трча во тоалетот, наводно за некое писмо кое што таа и го напишала. Пепи веќе трча по неа. Јас и таа останавме сами, но јас немам храброст да и кажам колку ја сакам. Затоа станувам и си одам. Излегува по мене, прашувајќи дали погрешила нешто. Се обидувам да замислам како би било тоа да ги замолчам тие црвени усни од памук, допирајќи ги со моите, но ми е страв. Ја допирам по образот, се обидувам да ја бакнам, но не можам. Таа го сфаќа тоа, ме погледнува и ги допира моите усни, ме прегрнува и ме бакнува. Се губам, секако од неа. Таа го направи тоа кое што мене ми беше страв да го направам. Се вративме, го зеде своето палто и се извинивме, рековме ќе се вратиме за половина час. Излеговме и се прошетавме на тоа ладно, речиси -10, но ние сме заедно и тоа не грее. Ја прегрнав, присетив дека се тресе, тогаш ги бакнав тие памуци и видов дека се ладни. Но не сакаше да се вратиме. Сакаше да останеме. Во тој момент заврна снег, беше многу убаво. После тој судбински бакнеж не ми беше воопшто срам да и кажам дека ја сакам. Секако таа бидејќи не верува во љубов, само ми се заблагодари и ме бакна. Па и не очекував повеќе. Решивме да се вратиме, решивме да молчиме за сето ова, јас се противев, но таа ме убеди, реши и да почекаме за нас, но на тоа не се согласив. Влеговме и од нас се очекуваше некој си одговор. Не добија ништо.

 Решивме да си одиме, но кафето веќе беше испиено. Сега не беше на половина, ниту на длабочината на филџанот, беше готова со нејзиното кафе. За крај добив само еден поглед од нејзините нафтени зеници, со кој знам и дека ме бакна. Ја гушна мајка ми и си отиде.

 Си отиде и кафето со неа.

Музика за народните маси

Откако помина летото, секако спаднаа огромните температури, а во нашите раце се стуткаа потопли блузи, палта и марами, решивме да кажеме ДА за есента.

Есента, е таа која не приморува да започнеме со нашите обврски. За некои тие се проширени низ целата година, но, за пензионерите и за традиционалните домаќинки е период за зимници и слатко од секакво овошје. Започнува мирисот на свежо испечените пиперки, мравките, највредните работнички почнуваат да се враќаат во своите дупки, со сиот тој товар на себе, собиран целото лето, а младите го купуваат најновиот магазин и ја подготвуваат својата модна линија.

За некои, таа е дождлив непријател, но, за некои е и почеток на романса, нов напор и сили кон иднината....

Дали некогаш сте седнале во една „природна“ средина во која сте уживале до бескрај, пиејќи пријатно вино, истовремено гледајќи го зајдисонцето?

Е, тоа е дело на есента. Не дека и другите годишни времиња не го пружаат тоа, но есента е таа која го прави задоволството поголемо. Само замислете, музика по ваш вкус, вино кое го обожавате, без разлика на тоа дали е црно или бело, и зајдисонцето... Сликата е неопишлива, но се замислува.

Замислете ги оние слатки обувки, привлечни палта и жолтите лисја под вашите нозе. Слушнете го звукот на вашиот од и ќе дознаете колку значат прошетките низ градот. Особено тука се и интересните забави и промоции, настаните кои не се пропуштаат, новата авантура за поход кон иднината.

Во есента се случуваат последните топли дождови и се носат најмодерните очила за сонце. Таа е мекиот дел од Вашата душа, најдобриот пријател во самотијата, прегнете ја!

Carpe Diem!

Ова е моја прва приказна по рушењето на целиот мој свет...

Уф, од каде да почнам, веќе сум ги заборавила своите убави работи од моите комплетно - нарушувачки мисли.

Ќе го пробам ова, што јас мислам дека е најдобро за мене и со кое се надевам ќе добијам инспирација да продолжам... Не ми замерувајте за мојата дрскост и по малку шовинизам и слично. Не верувам во песимизам но, сум, и тоа ОГРОМЕН!!!

Паметам една многу убава мисла на Ерик Маркс (кој не чул за него многу штета, а кој нема прочитано ништо од него уште поголема штета) која вели: Надевај се на најлошото, нема да останеш разочаран. Овој човек кој воедно е огромен песимист и сите дела ги посветил на својата баба Едит, е за  пофалба, но јас сега ќе му ја критикувам оваа најголема мисла. Сепак наоѓам оптимизам во разочарувањето. Сепак се надеваш на нешто и знаеш дека ќе испадне нешто... сепак нешто.

Ако ги поделиме своите улоги на два дела, лика и сл. ќе добиеме единствено тело и душа и ништо повеќе. Овие два компонента на животот комуницираат меѓусебно иако тешко, се обидуваат да не одржат во живот создавајќи нешто недозволено, нешто невозможно... утопија. Ние како луѓе без едното или другото постоиме, било живи или мртви, но се покриваме со јорганот на утопијата...

Знам дека е здодевно да се чита ова дури и јас се здосадив...

Мојата душа веќе комуницира со моето тело, верува во утопија ама е невозможна...

А, што е сега? Не можам да спијам?

 А, зошто? Што ме мачи?

Една вонвременска, една сметачка и несовремена трпка на моето чело, на моето тело. Молчам. Замолчив! И нема да молчам. Што е ова? Каде се наоѓам? А? Па, никаде, никаде не се наоѓам...Но, се е релативно, па и баш...

Нема врска, јас па се секогаш морам нешто да кажам, нели? Но, најдов игра, инверзија. Не ме разбирате нели? Се наоѓам себе си... Еве ме, сега тука сум, во искушение сум, еве меееее....

Ах, се загубив. Ме нема, пак. Се плашам да бидам во своја близина, и од самата себе си, се самоуништувам, да, дааа...

Јас сум си опсесија. Да, но зарем сме две, А? Испловувам, а не знам да пливам, се давам во сопствениот затвор, излегувам да ги мириснам своите самосоздадени цветови, да ги допрам меките боцки на ежот, да ја испијам свежината на змијата од нејзиниот отров, но тука сум... Не се самоубивам, напротив, живеам, да, живеам. Го мразам својот ригорозен живот, но сакам да го живеам. Кој би сакал,ако не единствено јас. И така е. Мојот живот е моја наука, со сите е така. Сите сме режисери на своите трагедии. Среќна сум, стареам, не сум среќна, но можам да ја создавам среќата, солидарна сум. Ох, тежина. Немам кожа, проѕирна сум, срамота е.

Зарем уште постојат идеи? Не, нема веќе. Помогни ми Боже, верувам во себе, не верувам во ништо повеќе. Навистина е така, еве пак се копам по рушевините на релативноста. Може и на погрешно место се барам, да, можно е. Ама се уморив, не можам веќе. Верувам во вербата, а таа се заљубила во мене, идиотка. Јас не ја разбирам, ама таа да. Сепак се надевам. Надежта е самосожалување. Се жалам себе си. Зошто?!

Може затоа!!!