
Нејзините очи суви од болка, со млекото во нејзините гради и црно срце, беа единственото живо кое го имаше на неа. Љубовта ја немаше, во рацете и плачеше небесно и невино бебе, а таа мислеше само – Зошто? Која е причината што него го немаше, зошто ја остави собата в празнина?
А тој пак, сакаше да и понуди живот полн со среќа, радост, забава, веселба, љубов...
Не знаеше што таа сака, освен што себично и го вети целиот свет, и ги зема на кредит сите убавини, а долгот и го остави да го исплаќа крварејќи и анемично.
Тој и немаше одредена професија, освен што ја сакаше искрено, но без услови, вистински, но скапо.
Неговата блуд, ја кочеше нивната бескрајна среќа, сепак, тоа е блуд, непрекината блуд, негрешна, човечко-животинска.
Само, таа не сакаше, не се трудеше да сфати колкава е неговата љубов, неговата жртва од тоа откажување.
Зависна од него, го заборави тоа мало суштество – плод на таа страсна идила.
Некој би рекол, - тоа е само секс! – но за нив тоа не беше телесност, сетилност, тоа беше хибрид на два света, емотивен и уметнички, пополнување на празнина, болка на здравата кожа.
Шетањето по улиците исполнети со мирис на самотија, го потсетува колку треба да ги поправи работите, да се врати чекори наназад, да ја сопре тагата во нејзините убиства. Но, сепак нешто го спречуваше, му забрануваше да се врати, го тераше напред...
Знаеше дека нема дело кое би им ставило среќен крај на нивната несреќа, немаше поема која би ги избришала несогласувањата, немаше машина која ќе го врати времето...
А сега, трча, бега од минатото, иако му беше како багаж, багаж полн со валкани алишта, интриги, лаги и ветувања неисполнети. Каде беше тој во иднината, ни тој не знаеше, ни таа некогаш дозна, само остана траг, траг неизбришлив, вечен, тажен, мачен...
No comments:
Post a Comment