Тоа горко и најдолго еспресо на светот
Веќе неколкупати бевме заедно, веќе неколкупати излеговме на пијалак. Само што јас излегувам по некоја случајност претрезен, а таа е секогаш пијана од разговорите со пријателите. Го мразам тоа кај неа, ја мразам таа нејзина марливост на кафето, јас и го мразам тоа долго еспресо, многу горко еспресо, додека јас ги пијам сите можни пива...
Секогаш е така во било кое кафуле, во било кое место кое што содржи кофеин.
Еве ја дојде со сестра и во нејзиното омилено кафуле Манго. Полека го соблекува тоа нејзино црно палто, кое е потенко од нејзината душа. Го вади тој нејзин син шал и седнува. Секако до мене. Ги носи тие тесни фармерки. Ја догледува мајка ми. Мене не ме ни приметува. Доаѓа келнерката и само си климаат со главата, и двете знаат што мисли. Секогаш е тоа, мило те молам едно многу долго еспресо. Секако и ќе го добие, но оној момент на горчливост кој многу го мразам е кога и ги подава своите шеќерчиња на сестра си или било кому...
Веќе сум на моето трето пиво, а таа е до половина со кафето. Ме плаши. Понекогаш и се лоши. Ја зажежува срцето, и се темни пред очи, се онесвестува. Тешко ми е да ја гледам таква. Ја сакам…
Сега сум на петтото пиво, таа е при крај со нервите, но не е на крај со кафето, секогаш е на половина... Ја палам цела кутија цигари, но таа е до половина, но и далеку од крајот, сеуште блиску на почетокот, уште е тука тоа нејзино долго еспресо.
Веќе одамна е ладно и прегорчливо за пиење, секако без шеќер е, но таа мора да го пие. Тоа е преубаво за неа. Но, не е толку убаво како неа. Се губам покрај неа. Ги сакам тие очи со нафтени зеници опколени со реки од крвни линии. Посакувам да влезам во тие очи и да препливам низ крвта за да стигнам до срцето нејзино да видам што има во него, дали е создадено за мене, но не можам...
Кога сме заедно секогаш седи до мене, но штом е мајка ми тука, јас не постојам. Знае да се потпре само на моето рамо, да ме погали за главата или пак да ме почешка за грбот, но сепак не постојам кога мајка ми е тука. Нормално таа ја сака повеќе мајка ми. Во моментов се расплакува мајка ми и трча во тоалетот, наводно за некое писмо кое што таа и го напишала. Пепи веќе трча по неа. Јас и таа останавме сами, но јас немам храброст да и кажам колку ја сакам. Затоа станувам и си одам. Излегува по мене, прашувајќи дали погрешила нешто. Се обидувам да замислам како би било тоа да ги замолчам тие црвени усни од памук, допирајќи ги со моите, но ми е страв. Ја допирам по образот, се обидувам да ја бакнам, но не можам. Таа го сфаќа тоа, ме погледнува и ги допира моите усни, ме прегрнува и ме бакнува. Се губам, секако од неа. Таа го направи тоа кое што мене ми беше страв да го направам. Се вративме, го зеде своето палто и се извинивме, рековме ќе се вратиме за половина час. Излеговме и се прошетавме на тоа ладно, речиси -10, но ние сме заедно и тоа не грее. Ја прегрнав, присетив дека се тресе, тогаш ги бакнав тие памуци и видов дека се ладни. Но не сакаше да се вратиме. Сакаше да останеме. Во тој момент заврна снег, беше многу убаво. После тој судбински бакнеж не ми беше воопшто срам да и кажам дека ја сакам. Секако таа бидејќи не верува во љубов, само ми се заблагодари и ме бакна. Па и не очекував повеќе. Решивме да се вратиме, решивме да молчиме за сето ова, јас се противев, но таа ме убеди, реши и да почекаме за нас, но на тоа не се согласив. Влеговме и од нас се очекуваше некој си одговор. Не добија ништо.
Решивме да си одиме, но кафето веќе беше испиено. Сега не беше на половина, ниту на длабочината на филџанот, беше готова со нејзиното кафе. За крај добив само еден поглед од нејзините нафтени зеници, со кој знам и дека ме бакна. Ја гушна мајка ми и си отиде.
Си отиде и кафето со неа.
No comments:
Post a Comment