
Црната болка на клавирот беше тука, околу, недалеку...
Го слушнав и нејзиниот глас кој непрестано ми одѕвонуваше во главата. Сакав само да стојам во темнината, но таа беше премногу светла. Партитурите и пливаа во рацете, звуците и излегуваа од нејзиното срце, преубаво, чисто...
Само јас бев таму, валкана и бев можност нешто да кажам. Солзите сами протекуваа од моите очи, а јас никогаш не плачам. Ја чувствував како мое дете, како музика која јас сум ја чувала во мојата утроба, како звук кој плачел да излезе заробен на моите гради.
Таа ја исполни мојата желба да творам. Тоа што јас никогаш не го исполнив и го потиснав во себе, таа го пројави од себе си. Тоа што јас го криев, со болка го заробив од светот вечно, го видов во нејзините прсти.
Должината на звукот кој таа го правеше, ме замолчи. Се парализирав слушајќи ја. Не можев да ракоплескам. Не можев да го уништам моментот кој таа го возвиши... само ја погледнав кога заврши, и знаеше дека само тој звук од моите раце ќе го уништи сето тоа кое го свиреше за мене и моите уши.
Прекрасна е...
Возвишена е...
Божја е...
Светот ме протера од нејзината музика, светот ми забрани да ја слушам нејзината музика, ми го одзема тоа што одамна го барам... сум била неучтива.
Не сакам да ракоплескам, лицемерно е! Не сакам да го надгласам звукот кој таа го направи, а ме натера да просолзам. Не сакам!!!
Избркајте ме! Протерајте ме... не ми дозволувајте пак да ја слушнам.
Но никогаш нема да можете да го избришете звукот кој ми го затопли срцето, звукот кој ме расплака и не ми дозволи да го извалкам мигот кој ме ослободи од прангите.
И пак... и секогаш ќе ја слушам во срцето и ќе се потсетувам на нотите и партитурите кои се ослободија од нејзината душа... кои чекаа да излезат долго заробени и јас да ги слушнам. Јас ги слушнав... и пак ги заробив кај мене... и никогаш нема да ги пуштам!
Тие... звуците!
No comments:
Post a Comment