Ката Блажевска
Tuesday, January 29, 2013
Edgar Allan Poe’yi Susturdular (Го замолчија Едгар Алан По) превод
Friday, July 6, 2012
(не)Разговор
Тие две... седеа на креветот. Разговараа, како само нивна да беше ноќта.
Две млади, амбициозни, девојки со соништа, седеа една вечер, правеа бура во тишината, ја трошеа младоста на нешто непродуктивно.
Едната постојано се жалеше... Се жалеше на своето тело, на своите нерамнини, на болките кои ги измислуваше, на проблемите кои таа мислеше дека ги има.
И двете живеат во близина. И двете се на приближна возраст. Сакаат момчиња, музика, поезија.
Другата, пак... не беше девојка од овој свет, од ова време... како да припаѓаше на нешто вонвременско. На другата и недостасуваше време... љубов веројатно... хартии, мисли, идеи.
Бараше инспирација, бараше помош за зборовите кои и се плеткаа во умот.
Немаше амбиции... барем... не толку колку и својата врсничка.
Додека едната се жалеше, другата размислуваше за светот околу нив, околу универзумот.
И тогаш жалостливата почна... : - Татко ми влезе во мојата соба. Како да ме погоди некој бран на негативна енергија.
Оддеднаш почувствував како товарен брод да ме прегазил и посакав да му фрлам мачка в лице. Но го погледнав цвеќето со прекрасен мирис и веднаш се смирив, пуштајќи тивка музика која ечеше романтично од мојот звучник.
Што сакаш да правиме вечер? – заврши со своето необично прашање, додека другата... Симона не ја ни приметуваше, ниту пак ја слушна.
- Симона... ме слушаш ли барем што ти зборувам... – повторно и се обрати, овојпат вознемирено, поради невниманието кое Симона и го пружи.
- Ах, да.... – и одговори неважно, размислувајќи со умот некаде подалеку. – те чув Ивана, те чув. Само нешто ме восхити денеска, денеска кога вртев низ здодевните канали на телевизорот. Тоа заслужи некое мое внимание, за кое... јас цел ден размислувам... – малку подзастана, замислено, па продолжи да и раскажува на својата другарка.
- Гледајќи ги на мојот стар телевизор денешните панаѓури, ме потсетуваат на тоа, колку митовите имале поврзаност за сиот живот кој што се случувал од развитокот на светот, па се до денес. Колку биле значајни тие приказни за убавината на девојката и нејзиниот корсет, колку игли морала на себе си да носи, за да биде преубава и блескава. Се од тие брилијантни митови! Знаеш ли колку тие митови... тие се брилијантни! Ние, што постоиме денес, имаме знаење, убавина, сето тоа, СЕ е тоа напишано, создадено поради тие приказни... – со нотесот во раката, продолжи да мрмори, бараше некое пенкало да го запише тоа што и помина низ умот, да не го заборави.
А Ивана, незачудувајќи и се, само и се насмевна, ја прегрна својата другарка, промрморе како да ја разбира, климна со главата и проба да ја промени темата на разговор, која што Симона упорно ја продолжуваше... со восхитеност!
*****
Нешто се случуваше во таа соба, со тие девојки, со нивните размислувања.
И двете нешто ги мачеше, некоја тајна, мака...
Љубовта не беше сигурно, иако беше главна лажна причина за тие да сокријат што се случува зад нивното пријателство.
Прва почна да мрмори, да искаже што мисли Ивана.
Како да се подготвуваше за својот претседателски говор, поткашла, го наведна челото, се забриша од потта и почна : - Со својата кола се шетав низ скопските салони, сакајќи да купам нешто за себе си. Сакав да биде нешто интересно, ново, мало... но забележливо.
Стигнав до една мала продавничка, која се викаше „Море на убавината“...
Се зачудив за насловот. Се продаваше овошје. Каков мирис. Веднаш ме привлече свежината на тоа огромно количество на овошје.
Застанав зад редот, кој беше огромен. Како ова да беше вест, која сите ја знаат, освен јас. Како да имало соопштение за свежото овошје, а јас сум спиела... не сум го чула.
Како да ми требаше пиштол во тој момент, да пукнам, за да можам да вкусам од тој мирис, за да можам да ја истргнам гужвата.
Тогаш, за прв пат во таа соба, Симона го подигна својот поглед, го насочи кон Ивана, како заинтересирано девојче и намигна, се насмевна и и рече : - Мора да било преубаво тоа овошје... Би сакала јас да сум во тоа море.... Морето на убавината...
И оддеднаш, го прекина својот разговор, спонтано започна друг, необрнувајќи внимание на разговорот за овошјето.
- Замислував една соба, кога низ мостот помина тој, пеејќи преубава песна. Јас седев во паркот, ги гледав неговите чекори...
Јадеше ананас, а лисјата под неговите нозе, ја искажуваа есента која предоаѓа.
Мислам... дека се заљубив!
Обично тивката Симона сега викна : - Се заљубив! Зар е тоа грев? Или... Можеби само го замислувам?
Ноќта продолжи тивко. Симона беше исплашена од губењето на својот ум, а Ивана изгубена во морето.
Прегоре сијалицата...
Стана темнина.
*****
Под сиот тој космос, ѕвезди на небото, ноќта на таа улица, стоеше еден столб, а на него беше потпрена долгокосата девојка. На неа, во овој момент, и беше потребна само една врата за да и се одговорат сите мисли, да и се дадат сите одговори. Барем така мислеше..
Мислеше дека тоа и е потреба. Потребно и беше да мисли.
Мислеше дека мисли. Потребна и беше потреба.
Симона... таа е девојка со многу мани. Сакаше да глуми нешто што воопшто не и доликуваше. Знаеше дека припаѓа на небото, а таа упорно правеше работи кои ја задржуваат на оваа валкана, загадена земја.
Под таа одвратна шминка, се криеше едно прекрасно и невино лице, лице на девица. Кога ја тргна маската, ги стави своите очила, почна да ги запишува своите тајни во малата книшка што ја чуваше покрај креденецот... Тоа го прави таа, запишува се што мисли. Можеби тоа беше погрешно кај неа. Сакаше се да има на хартија.
Се измори и го изведе кучето на прошетка.
*****
Ивана остана сама во својата соба. Иако стоплена, таа соба поради ладните срца, тајните, лагите... секогаш беше ладна.
Ивана почна да размислува. Која љубов ја имала таа?
- Кога сум со него, знае секогаш да ми украде насмевка, претворајќи ги своите прсти во форма на пајак, полека ме гали по вратот, малку помрднувајќи ми го ѓерданот. Ме бакнува. Ме прегрнува.
Но... кога си оди, ме остава како уморен дедо, кој не може да ја крене лопатата и да копа.
Ми ги остава спомените ладни.
*****
Во собата, повторно се најдоа тие... две... млади... И откако пронајдени во летната светлина седнаа за повторно да размислуваат и да разговараат, Симона го продолжи својот разговор.
- Топлината на ова лето, кое како куршум не погоди оваа година, ме натера да размислувам за клавир, сакам да научам да свирам. – и од неповтор, и излета сосема друг разговор.
- Носот ми беше привлечен од секакви мириси ова лето... а требаше да се зафатам да пишувам со своето перо.
Вчера!!! Колку сакав вчера во еден момент да се испружам на каучот, да ги спуштам ролетните, да земам некоја книга и да читам. Да читам цело утро, цело попладне... па дури и вечерта да ја поминам со таа книга, да ја читам повеќепати.
Но застанав пред огледалото, го земав нотесот, и тргнав по сонцето...
Се почувствував како да сум му на некому потребна... вчера...
А можев цел ден да останам дома.
Да! Тоа беше причината што јас не бев дома... – прпелајќи го јазикот, почна да шета низ собата и зборувајќи како да открила нешто важно. – да, тоа беше!
Мирисот на кафето, ме потсети на некој гроб, беше старо како бојата на делово што го читам. Нема да пијам веќе кафе.
Ивана веќе полудена од нејзиното врткање низ собата, ја погледна, и таа стана и ја седна на креветот.
Конечно, таа ја собра храброста да го почне тоа што веќе долго време ја мачеше во врска со нивното пријателство.
Се сврти со лицето кон Симона, поднамигна, како да сакаше преку очите и каже се, повторно подзакашла и...
- Симона, јас и ти веќе не сме исти. Ти полудуваш, а јас не знам што понатаму со својот живот. Мислам дека не треба да сме пријателки повеќе. Сепак... ти никогаш не ме слушаш. Затоа, те молам замини од мојава соба и не се враќај повеќе.
Симона само ја погледна.
- Знаеш дека си во право. Еј, збогум! – со насмевка и се обрати и замина.
Замина засекогаш од нејзиниот живот.
А собата и понатаму остана празна.
Wednesday, June 20, 2012
Жртвувањето на Исак
Вавилонска кула
Tuesday, February 15, 2011
Го замолчија Edgar Allan Poe
На подвозникот кај „новата“ железничка станица, секој ден поминуваат автобуси со различни броеви, насочени кон различни правци.
Се е различно, во секој различен ден. Дури и јас сум различна секој пат кога поминувам од таму. Таму, поминуваат и различни патници, од раштрканите градови на малечкава земјичка, па таму поминувам и јас. Само едно нешто ме натера да мислам на неговата константност, неменливост.
* * *
Во железничката станица, има секакви луѓе. Вработени, патници, бездомници, алкохо-пијачи, па и алкохоличари. Се наоѓа и по некој обезбедувач и полицаец. Секој петок, кога не е -15о С, луѓето од браншата на алкохо-пијачите, околу 9, 10 часот навечер, се собираат пред влезовите на станицата. Заборавив да напоменам дека малку подолу, на 10тина метри има и автобуска станица на која поминуваат автобуси со различни броеви. Сеедно.
* * *
За патот накај Аеродром (населба во градот Скопје), можете да се возите со многу автобуси.
Јас, се возам со кој прв ќе дојде. Нема врска. Треба да почнам со Едгар.
Е, баш тој, кај таа железничка, кај таа автобуска станица, нацртан е или обоен, сеедно.
Многумина Скопјани сега велат – „Е не само таму, го има насекаде!“
Знам, ама мене ми е важен за тука, на ова место. На ова место за прв пат го забележав, не знам кога, но знам дека се возев со автобус – не е важен бројот. Не можам да се сетам.
Повеќето чуле за овој американски романтичар, кој умрел од алкохол, дрога или колера, а може и од сите три. Познат е по неговиот мрачен стил на пишување, особено по „Гавранот“, или како што го превел Гане Тодоровски, „Гарванот“.
Но, не сум тука за тоа. Не сакам да го библиографирам.
Е, овој врвников, стои таму, нацртан или обоен, не е важно.
Тоа што ме зачуди, беше лепенката на неговата уста. Тој има лепенка за молчење, која му ја нацртале, со цел да го нагрдат.
Тој, стои таму константно, го гледаат сите, така замолчен, без право нешто да каже. Апсурдно, тој е мртов од одамна, ама кога пишувал, имал за цел делата да му останат живи. И се’. Се пејат по некои компаратистички дружења, се пијат на клупи и железнички станици.
Ме нервира лепенката! Ја мразам! Не сакам да стои замолчен „Гарванот“ во самотијата, или „Црната мачка“ во темнината, „Маска на црвената смрт“. Не сакам!
Морам да го избришам тоа!
Или не...
Ионака, ќе го офарбаат следниот пат кога ќе ги реновираат ѕидовите.
Нема врска. Сеедно е.
Saturday, November 27, 2010
Нате и Јован
Во еден напорен ден, кога се беше при крајот, а чиниш, почетокот сега ти беше при рака, една девојка, уморна, со тежина на очите, се симна од валканото автобусче на автобуската станица кај големата продавница со црвен излог.
Таа таму се симнуваше секогаш за да пазари и повторно да се качи на некој валкан автобус до дома.
Влезе во маркетот, го изнакупи тоа што и требаше, односно купуваше колку што и беше проширен паричникот. Ја прошета околијата со малку работи во рацете, а веќе празен паричник, уморна, тргна кон истата станица на која се симна, за повторно да чека автобус.
Тапкајќи во место, застаната со грбот кон големиот црвен излог, речиси да заспие, еден мачор и го сврте вниманието кон излогот. Таму, вџашена, со евтино пенкало напишани, наиде на букви бледи, но со многу љубов „Нате и Јован.“
„Кои се тие двајца? Што сакаат да покажат со со овие имиња? Дали се навистина тие Нате и некој Јован постоечки, или е ова некоја шега?“ – си помислуваше уморната девојка која овие две имиња и претставуваа некоја загатка која што мораше да ја открие. Помислуваше – колку глупаво – да напише на излогот со пенкало нешто, да ги праша кои се тие, дали намерно е напишано тоа и со која цел, но се предомисли, сфаќајќи дека тие именки со сврзник се само тоа за неа, и ништо повеќе. Тие се само име на една девојка – со неважно колку годишна возраст – и едно момче кое, на таа една девојка момчето и се допаѓа.
Замрзната, уморната девојка, која иако се откажа да ги открие тие букви, го гледаше излогот кој беше можеби љубовно извандализиран, се додека не ја прекина звукот на црвеното автобусче кое надоаѓаше во нејзин правец.
Се качи, сеуште со мисли за „Нате и Јован“, имиња кои ја инспирираа за да го напише овој текст, т.н. Нате и Јован.
Friday, September 3, 2010
Црвената кеса и девојката

Времето како по обичај беше премногу топло. Сите беа испотени, изморени од сонцето, тоа, кое до пред некој месец со сета душа го очекуваа.
Но денеска беше премногу. Никој не можеше да го издржи. Денеска го мразеа вработени, го мразеа одморачите, го мразеа љубителите на плажата, болните, уморните.
Само таа... само таа беше рамнодушна на оваа топлина. Облечена во зелено, со огромна чанта, со очилата за сонце и црвена кеса полна со книги. Во 3 часот попладне, таа беше со црвена кеса полна со книги. Цело време беше загубена. Дали по времето, дали улиците.. таа денеска беше загубена. Погледнуваше по сонцето, како да сака да посегне по него. Ги гледаше листовите со жал, тие листови веќе исушени од топлината.
Поминуваше покрај цркви. Ги гледаше и го вртеше погледот. И пак. Пак.
Девојката во 3 попладне, со црвената кеса нешто бараше. Што... ни таа не знаеше. Отиде во библиотека за да чита, да пишува, да види некого. Да осознае нешто, да дознае повеќе. Се чувствуваше како таа црвена кеса нешто да и наредува. Полната кеса со книги тежеше повеќе од таа самата, но таа со задоволство ја носеше. Можеше да ја испушти во секој момент, но не сакаше. Имаше исполнето срце радост, денеска таа беше задоволна. Како само таа да е на оваа земја со сите тие книги напишани и вредни.
Го сакаше денот и се што тој и носи. Се врткаше низ улиците како ова сонце да е за нејзе последно. Го впиваше денот со сите негови мириси, кои на неа и одговараа, ги отпоздравуваше сите познати...
Стигна во библиотеката со цел да добие инспирација. Со сета среќа која ја чувствуваше, се надеваше на добар текст, на добар расказ. Се подготви, го уклучи својот лап-топ, ги испука прстите, се подзамисли и почна.
Но каде? Што ќе пишува? За што да опишува?
Времето... сонцето, топлината... не и одеше од рака. Го загледа мониторот, ги загледа буквите напишани, ги допре очите како да сакаше да се расплака поради нејзината исушеност, поради нејзиниот недоволен извор на зборови, да опише нешто што таа сака, но не може. Оддеднаш, оваа среќна девојка се растажи, како да и дошол крајот на светот. За неа... крајот на светот. Но не си дозволи оваа кочница да ја спречи да креира, да твори.
Но се сети, ќе почне да се опишува себе си. Како денеска денот и започнал, како сонцето денес на неа и влијаело, во колку часот таа патувала од својот дом кон библиотеката, што носела...
И почна...
Времето како по обичај беше премногу топло. Сите беа испотени, изморени од сонцето, тоа, кое до пред некој месец со сета душа го очекуваа.
Но денеска беше премногу. Никој не можеше да го издржи. Денеска го мразеа вработени, го мразеа одморачите, го мразеа љубителите на плажата, болните, уморните...
Вака го заврши своето патување девојката со црвена та кеса, поздравувајќи се со компјутерот и одморајќи се со Чехов...
13. 07. 2010 - Вторник