Wednesday, June 20, 2012

Вавилонска кула

Преобработка на библискиот мит за Вавилон Кога го градев универзумот, го делев темното од светлото, ставав густо во чистото, создадов и телесно во духовното. создадов планети, а во планетите вдахнав и живот. Во секоја од нив вдахнав знаење, облик, егзистенција. Сите планети ги создадов различни, за кога ќе се развие првиот грев, сите да се спознаат, оставајќи ме мене како Создател, давајќи им способност тие да бидат Создатели, да создаваат и тие свои Универзуми, со свои планети различни, со желба за спознание, и се така до бескрајот. На една од планетите, тие ја нарекоа Земја, им дадов еден јазик, за сите да се разбираат, да се сакаат и да создаваат. Таму им го дадов безусловниот дом, наместо студ да се греат од огнот, наместо од кал да имаат тула, наместо омраза да се љубат, и да ме почитуваат мене. Но, кога наидоа помудрите во земјата Сенарска, ги поучија и понемудрите, им ја дадоа тулата, и им ја кажаа тајната за мене, заедно се здружија, кула да градат и до мене да стигнат, високо на небето. Најмудриот мудруваше, а другите го слушаа: "Ќе стигнеме кај Создателот! Тој, ќе не благослови и моќ како неговата ќе ни даде. Ќе се гордее со нас!", а тој, поматен во умот, го гледав јас одозгора велејќи си: "Јас ги создадов за да градат универзуми, да бидат Богови на домот, а не до мене да стигнат. Штом ќе ми се приближат, ќе ги изненадам со својата моќ, па ќе сфатат колку се тие мали за овој голем свет и за моќта Божја." И градеа тие ноќ по ноќ, ден по ден. Се вивнаа тие до облаците. Но и до таму не беа блиску. Градбата продолжуваше: ноќ по ноќ, ден по ден. Нивната желба не запираше. Упорноста растеше - ноќ по ноќ, ден по ден. Но кога стигнаа до линијата што ги дели од животот, и почнаа во главите свест да губат, го насочив прстот кон врвот на кулата и таа се сруши. Паѓаа работниците во занес, во последниот миг на разбирањето. Кога паднаа, а со нив и кулата, Најмудриот колнеше. Со косите скинати во рацете, мудруваше, но никој не го разбираше. Со паѓањето, им дадов нов јазик, но и нова вистина за мојата моќ. При падот им кажав за нивната улога и лик на Земјата. И тие повеќе не ја градеа кулата до небесата, тие го градеа својот Универзум по целата земја, а мене ми дадоа топло место во нивниот дом и ми се поклонуваа за животот.

No comments:

Post a Comment