Wednesday, June 20, 2012

Жртвувањето на Исак

Преобработка на библискиот мит за Исак „Господе! Ти си глупав! И те мразам! Се молев денови и денови, по ноќи додека сум жив, а ти, мене ме заборави!“ – му довикуваше малиот човек на Господа. Лут, со валкан јазик, колнеше до стоте колена Божји и на грмежите Негови тој не се плашеше. Бог, на тие зборови човечки се налути и наместо негова жртва да побара, побара човек кој на сонцето се моли, на денот се радува, и кој жртви на празниците Божји дава. Го побара Авраама, богат пастор, кој љубовта на богатството ја видел, светлината го погалила и наследство синово видел. Авраам се гордеел со синот Исака, и за да се смири, Бог од Авраам побарал синот да си го пожртвува. Го насочил Авраам по патот на Морија, за таму синот да си го убие. И се подготвил старецот за патот болен, љубовта кон Бога да си ја докаже, без прашања и двоумења за силата на Таткото на универзумот. Со сина си, тргнал на патот, натоварен со сите жртвени ритуали, освен што жртвеното животно го немало. И тогаш, Исака, зачуден од умот на татка си, го прашал : „Татко, сите работи ги земавме, но јагнето го нема. Го остави во селото. Зарем не сакаш жртва на Бога да дадеш?“ На тоа Авраам му одговорил на синот : „Ќе му дадеме на Бога дар, синко, само по патот да одиме. Јагнето ќе го најдеме кога Тој ќе сака.“ На тоа, Исак замолче, и го следеше патот што не знаеше дека го води кон смрт. По долг пат, конечно стигнаа до патот од Бог одреден. Тогаш старецот направи жртвеник, ги постави дрвата, и за нив го врза Исак. На тоа Исак ништо не кажа, само го погледна татка си, и во неговите очи го виде Бог како негов духовен татко и беше подготвен животот да го даде, верувајќи во решението што му било поставено. Авраам го зеде ножот, му се поклони на животот, и стана подготвен животот на наследството свое да го одзеде. И штом го крена ножот, ангел Божји се крена од небото да го спречи старецот од убиството на своето чедо. Му довикна : „Аврааме! Не кревај ја својата рака на детето и не прави ништо! Ти, ја докажа својата љубов и страв, и затоа продолжи да имаш почит. Сега Бог знае дека ти се плашиш штом не го пожали ни својот сакан син!“ Бог, уверен дека постои човек кој го почитува, му даде живот долг, со многу богатства и деца, а на тој, валканиот, му го одзеде умот и гласот, за никогаш повеќе да не го предизвикува.

No comments:

Post a Comment