Tuesday, February 15, 2011

Го замолчија Edgar Allan Poe

На подвозникот кај „новата“ железничка станица, секој ден поминуваат автобуси со различни броеви, насочени кон различни правци.

Се е различно, во секој различен ден. Дури и јас сум различна секој пат кога поминувам од таму. Таму, поминуваат и различни патници, од раштрканите градови на малечкава земјичка, па таму поминувам и јас. Само едно нешто ме натера да мислам на неговата константност, неменливост.

* * *

Во железничката станица, има секакви луѓе. Вработени, патници, бездомници, алкохо-пијачи, па и алкохоличари. Се наоѓа и по некој обезбедувач и полицаец. Секој петок, кога не е -15о С, луѓето од браншата на алкохо-пијачите, околу 9, 10 часот навечер, се собираат пред влезовите на станицата. Заборавив да напоменам дека малку подолу, на 10тина метри има и автобуска станица на која поминуваат автобуси со различни броеви. Сеедно.

* * *

За патот накај Аеродром (населба во градот Скопје), можете да се возите со многу автобуси.

Јас, се возам со кој прв ќе дојде. Нема врска. Треба да почнам со Едгар.

Е, баш тој, кај таа железничка, кај таа автобуска станица, нацртан е или обоен, сеедно.

Многумина Скопјани сега велат – „Е не само таму, го има насекаде!“

Знам, ама мене ми е важен за тука, на ова место. На ова место за прв пат го забележав, не знам кога, но знам дека се возев со автобус – не е важен бројот. Не можам да се сетам.

Повеќето чуле за овој американски романтичар, кој умрел од алкохол, дрога или колера, а може и од сите три. Познат е по неговиот мрачен стил на пишување, особено по „Гавранот“, или како што го превел Гане Тодоровски, „Гарванот“.

Но, не сум тука за тоа. Не сакам да го библиографирам.

Е, овој врвников, стои таму, нацртан или обоен, не е важно.

Тоа што ме зачуди, беше лепенката на неговата уста. Тој има лепенка за молчење, која му ја нацртале, со цел да го нагрдат.

Тој, стои таму константно, го гледаат сите, така замолчен, без право нешто да каже. Апсурдно, тој е мртов од одамна, ама кога пишувал, имал за цел делата да му останат живи. И се’. Се пејат по некои компаратистички дружења, се пијат на клупи и железнички станици.

Ме нервира лепенката! Ја мразам! Не сакам да стои замолчен „Гарванот“ во самотијата, или „Црната мачка“ во темнината, „Маска на црвената смрт“. Не сакам!

Морам да го избришам тоа!

Или не...

Ионака, ќе го офарбаат следниот пат кога ќе ги реновираат ѕидовите.

Нема врска. Сеедно е.

No comments:

Post a Comment