Wednesday, June 20, 2012
Жртвувањето на Исак
Преобработка на библискиот мит за Исак
„Господе! Ти си глупав! И те мразам! Се молев денови и денови, по ноќи додека сум жив, а ти, мене ме заборави!“ – му довикуваше малиот човек на Господа. Лут, со валкан јазик, колнеше до стоте колена Божји и на грмежите Негови тој не се плашеше.
Бог, на тие зборови човечки се налути и наместо негова жртва да побара, побара човек кој на сонцето се моли, на денот се радува, и кој жртви на празниците Божји дава.
Го побара Авраама, богат пастор, кој љубовта на богатството ја видел, светлината го погалила и наследство синово видел. Авраам се гордеел со синот Исака, и за да се смири, Бог од Авраам побарал синот да си го пожртвува. Го насочил Авраам по патот на Морија, за таму синот да си го убие.
И се подготвил старецот за патот болен, љубовта кон Бога да си ја докаже, без прашања и двоумења за силата на Таткото на универзумот. Со сина си, тргнал на патот, натоварен со сите жртвени ритуали, освен што жртвеното животно го немало. И тогаш, Исака, зачуден од умот на татка си, го прашал : „Татко, сите работи ги земавме, но јагнето го нема. Го остави во селото. Зарем не сакаш жртва на Бога да дадеш?“
На тоа Авраам му одговорил на синот : „Ќе му дадеме на Бога дар, синко, само по патот да одиме. Јагнето ќе го најдеме кога Тој ќе сака.“
На тоа, Исак замолче, и го следеше патот што не знаеше дека го води кон смрт.
По долг пат, конечно стигнаа до патот од Бог одреден. Тогаш старецот направи жртвеник, ги постави дрвата, и за нив го врза Исак. На тоа Исак ништо не кажа, само го погледна татка си, и во неговите очи го виде Бог како негов духовен татко и беше подготвен животот да го даде, верувајќи во решението што му било поставено. Авраам го зеде ножот, му се поклони на животот, и стана подготвен животот на наследството свое да го одзеде.
И штом го крена ножот, ангел Божји се крена од небото да го спречи старецот од убиството на своето чедо. Му довикна : „Аврааме! Не кревај ја својата рака на детето и не прави ништо! Ти, ја докажа својата љубов и страв, и затоа продолжи да имаш почит. Сега Бог знае дека ти се плашиш штом не го пожали ни својот сакан син!“
Бог, уверен дека постои човек кој го почитува, му даде живот долг, со многу богатства и деца, а на тој, валканиот, му го одзеде умот и гласот, за никогаш повеќе да не го предизвикува.
Вавилонска кула
Преобработка на библискиот мит за Вавилон
Кога го градев универзумот, го делев темното од светлото, ставав густо во чистото, создадов и телесно во духовното. создадов планети, а во планетите вдахнав и живот. Во секоја од нив вдахнав знаење, облик, егзистенција.
Сите планети ги создадов различни, за кога ќе се развие првиот грев, сите да се спознаат, оставајќи ме мене како Создател, давајќи им способност тие да бидат Создатели, да создаваат и тие свои Универзуми, со свои планети различни, со желба за спознание, и се така до бескрајот.
На една од планетите, тие ја нарекоа Земја, им дадов еден јазик, за сите да се разбираат, да се сакаат и да создаваат. Таму им го дадов безусловниот дом, наместо студ да се греат од огнот, наместо од кал да имаат тула, наместо омраза да се љубат, и да ме почитуваат мене.
Но, кога наидоа помудрите во земјата Сенарска, ги поучија и понемудрите, им ја дадоа тулата, и им ја кажаа тајната за мене, заедно се здружија, кула да градат и до мене да стигнат, високо на небето.
Најмудриот мудруваше, а другите го слушаа: "Ќе стигнеме кај Создателот! Тој, ќе не благослови и моќ како неговата ќе ни даде. Ќе се гордее со нас!", а тој, поматен во умот, го гледав јас одозгора велејќи си: "Јас ги создадов за да градат универзуми, да бидат Богови на домот, а не до мене да стигнат. Штом ќе ми се приближат, ќе ги изненадам со својата моќ, па ќе сфатат колку се тие мали за овој голем свет и за моќта Божја."
И градеа тие ноќ по ноќ, ден по ден. Се вивнаа тие до облаците. Но и до таму не беа блиску. Градбата продолжуваше: ноќ по ноќ, ден по ден. Нивната желба не запираше. Упорноста растеше - ноќ по ноќ, ден по ден. Но кога стигнаа до линијата што ги дели од животот, и почнаа во главите свест да губат, го насочив прстот кон врвот на кулата и таа се сруши. Паѓаа работниците во занес, во последниот миг на разбирањето.
Кога паднаа, а со нив и кулата, Најмудриот колнеше. Со косите скинати во рацете, мудруваше, но никој не го разбираше.
Со паѓањето, им дадов нов јазик, но и нова вистина за мојата моќ. При падот им кажав за нивната улога и лик на Земјата.
И тие повеќе не ја градеа кулата до небесата, тие го градеа својот Универзум по целата земја, а мене ми дадоа топло место во нивниот дом и ми се поклонуваа за животот.
Subscribe to:
Posts (Atom)